Американците штотуку станаа научна фантастика: За првпат во историјата вештачка интелигенција управуваше со воен авион!

1193

Американското воено воздухопловство оствари нов успех во имплементацијата на вештачката ингелигенција во своите системи. Вештачката интелигенција за прв пат на безбеден начин ја зазеде улогата на копилот и тоа во легендарниот шпионски “U2” авион.

Со поставување на вештачката интелигенција на местото копилот во “U-2S Dragon Lady” шпионскиот авион, остварена е првата вистинска интеграција на вештачката интелигенција во било кој американски воен систем. Тоа воедно претставува и прва имплементација на вештачка интелигенција во воен авион во светот. Барем официјално.

Вештачката интелигенција која презеде дел од контролите на авионот го доби називот “ARTUµ” по примерот на “R2D2” од „Војна на ѕвездите“ каде познатиот дроид во филмската франшиза служи како копилот и навигатор.

Од американското воено воздухопловство соопштија дека тестот бил извршен на 15-ти декември од воената база Бил во Калифорнија. Вил Роџер, заменик секретарот на американското воено воздухопловство за логистика, технологија и набавка истакна дека станувало збор за симулирана извидничка мисија во тек на симулиран ракетен напад на воздушната база.

Пилотот кој учествувал во тестот и чиј коден прекар е „Вуду“, објасни дека улогата на вештачката интелигенција во авионот всушност била мала, но задачите кои што ги добила биле извршени многу добро.

„Следниот чекор е разбирање помеѓу пилотот и вештачката интелигенција, со цел да ги подготвиме за новата доба на алгоритамско војување. Или ќе станеме научна фантастика, или ќе станеме историја“, изјави Роџер.