Ахмети: Верувам во европските вредности на Бугарија

58

Премиерот Зоран Заев ја ризикува својата политичка кариера, само за да го деблокира патот на земјата за интегрирање во Европската Унија, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изнесувајќи став во однос на интервујто на Заев дадено за бугарски медиум, а кое наиде на бурни реакции во јавноста.

Ахмети изјави дека се надева на конструктивност од страна на Бугарија и додаде дека очекува помош од Брисел за побрзо изнаоѓање заедничко решение.

„Сметам дека господинот Зоран Заев има добра волја да реши важен проблем кој има врска со иднината на нашата земја за отворање на преговорите со ЕУ. Тој ја стави во ризик својата политичка кариера за доброто на земјата и граѓаните на Република Македонија. Знаете дека ние се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме оспорувале ништо, без оглед дали се работи за историја, јазик или култура. Порачувам да не нè обземаат емоциите, туку да бидеме рационални, што е можно поразумни за да го решиме ова прашање. Се надевам на поддршка од бугарска страна, која се изјасни дека е за наша интеграција во ЕУ, и верувам дека ќе покаже подготвеност да ги надминеме овие разлики и да го отвориме патот за членство во ЕУ. Верувам во европските вредности на Бугарија и верувам дека овие разлики ќе бидат надминати, набргу, во наредните денови“, изјави Ахмети по завршувањето на свечената академија во чест на Денот на албанското знаме.