Автобуското метро во Скопје ќе се воведе во 2020 година: Еве по кои линии ќе се движи

796

Откако Владата даде поддршка за воведување на „Бас рапид транзит“ (БРТ), што во превод значи брз автобуски превоз, на територијата на Град Скопје, кој претставува воспоставување на коридори резервирани исклучиво за капацитетни автобуси на електричен или хибриден погон (плин и електромотори), градоначалникот Петре Шилегов најави дека ако работите се одвиваат според планираното, веќе во 2020 година, во Скопје ќе можеме да ги видиме првите возила, како и целиот систем.

– Официјално почнува постапката за задолжување за обезбедување на средства за овој тип на превоз.  Ако работите се одвиваат според динамиката што ја имаме утврдено ќе успемее пред крајот на наредната година да ги промовираме првите возила, всушност ќе го видиме и целиот систем на територијата на Скопје – рече Шилегов.

Тој објасни и зошто на Градот му се потребни парите што ги бара за имплементација на системот.

– Средствата кои ги бара Градот и кои се потребни за имплементирање на системот, ќе овозможат формирање на сообраќајни ленти во двата правци, исток-запад односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и југ-север од Кисела Вода, кај поранешна Стаклара до Бутел кај поранешно Типо, така што ќе имаме едно целосно решение. Линиите ќе се вкрстуваат кај Олимписки базен – посочи градскиот татко.

На овие две линии ќе нема автобуски превоз, а автобуските ќе останат само за да ги носат патниците до линиите на автобуското метро кое од сегашната просечна брзина на движење од 13 километри на час ќе може да се зголеми на просечна брзина од 30 километри на час и на автобуските постројки кои ќе бидат во средина на булеварот ќе пристигнува на секои три минути до 7 минути кога нема толку метеж.

Можеби ќе има разлика во реализацијата на двата правци од неколку месеци, но за мене е важно цело Скопје да биде покриено со современ превоз, објасни Шилегов и додаде дека јавниот транспорт во градот ќе го подобрат и новите автобуси кои се очекува да пристигнат во март.

– До март ќе пристигнат шест автобуси од новите, три единечни и три зглобни – најави Шилегов.

Од Владата информираат дека станува збор за автобуско метро, кое ќе биде издвоено од останатите учесници во сообраќајот.

– Овој систем коридори на популарно нареченото автобуско метро ќе овозможи траса која е физички издвоена од останатите учесници во сообраќајот со што се обезбедува многу побрз и побезбеден транспорт, што ќе го направи јавниот превоз атрактивен и алтернатива на користењето на приватните возила за да се намали аерозагадувањето – велат од Владата.

Владата го задолжи Министерството за финансии да ја започне постапката со писмо за намери до Европската банка за обнова и развој за поддршка за изработка на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на комплетниот проект.

Предности и недостатоци на БРТ

Брзиот автобуски превоз се промовира како брз квалитетен превоз кој не бара така големи инвестиции како шинските системи, намалено е времето за патување, се одликува со поголема безбедност, а наплата се одвива надвор од возилото, како кај шинските видови на превоз, што ќе овозможи најмало можно време за влез и излез на патници на стојалишта. додека пак, негови недостатоци се тоа што често е на удар поради одземање на сообраќајни површини од останатиот моторен сообраќај или одземање на зелени површини, и иако зголемен, сепак има ограничен капацитет.

 

извор www.slobodenpecat.mk