Судот му определи мерки на претпазливост на еден од возачите во тешката сообраќајка што се случи завчера на булеварот Борис Трајковски, поранешна „Првомајска“.
Возачот е осомничен дека ја предизвикал сообраќајката во која загинаа 2 лица, а беа повредени 7, од кои 1-годишно бебе се здобило со тешки повреди.
Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот 25-годишен жител на село Батинци, Скопско, со „Хјундаи Акцент“ возел по левата сообраќајна лента од улицата Борис Трајковски. Кога пристигнал пред крстосницата, не почитувајќи ги надолжните ознаки на коловозот (удвоена бела полна линија), почнал да врши претекнување од левата страна на возило „Фиат Пунто“ кое се движело пред него.

Осомничениот со престигнувањето го попречил сообраќајот од спротивната насока и при тоа се судрил со „Мерцедес Е-200“ . Од ударот, возилото на осомничениот се придвижило кон десно и удрило во „Фиатот“ што се обидел претходно да го претекне.
Возилото „Мерцедес Е-200“ од ударот се придвижило и отишло на коловозна лента наменета за сообраќај на возилата од спротивната насока, по што бил удрен од два автомобила – „Фолксваген Пасат“ и „Фолксваген Шаран“ и завршило со движењето удирајќи во метална ограда на блискиот тротоар.
Во сообраќајната незгода, поради тежината на здобиените повреди, на самото место животот го загубиле 2 лица, 28-годишен скопјанец – возачот на „Мерцедесот“ и жител на село Студеничани на возраст од 50 години, кој управувал со возилото „Фолксваген Пасат“.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осомничениот возач поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
До надлежниот суд, обвинителството поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот, и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола и забрана за издавање нова возачка дозвола. Основниот кривичен суд Скопје ги определи предложените мерки на претпазливост на осомничениот.
