Ова е Овидио Гузман, синот на Ел Чапо поради кој изби војна во Мексико

58

Мексиканската полиција беше принудена да го пушти на слобода уапсениот Овидио Гузман откако за кратко време на улиците на Кулиакан изби војна.

28-годишниот Овидио Гузман Лопез е син на нарко-босот Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо. Овидио е еден од четирите деца на Ел Чапо од неговиот втор брак, а поранешниот мексикански крал на дрогата имаше уште две жени и најмалку шест деца.

Овидио е еден од лидерте на моќниот „Синалоа“ картел кој заедно со неговиот постар брат Иван ја презеде контролата над бандата, откако нивниот татко Ел Чапо беше уапсен и екстрадиран во САД во 2017-та година.

Синовите, кои во Мексико се познати како „Ел Чапитос“ неодамна воделе војна со уште еден од лидерите на нарко-картелот. Наводно станува збор за Имел Ел Мајо Замбада кој што сакал да ги исфрли браќата од „Синалоа“.

Веста за апсењето на Овидио предизвика вистинска војна на улиците во градот Кулиакан, по што мексиканските власти одлучија веднаш да го пуштат синот на Ел Чапо и да спречат дополнителна ескалација на насилството и невини жртви.

Инаку, Ел Чапо е најпознатиот и најбогат нарко-дилер на светот. Според податоците на мексиканските и американските власти, тој успеал да заработи околу 14 милијарди долари од трговија со дрога во текот на својата „кариера“.

Тој откако побегна од затвор, конечно беше екстрадиран во САД каде што во судот во Бруклин беше осуден на доживотна затворска казна поради криумчарење на дрога, насилство и перење на пари.