На „Галичица“ има над две илјади дивоградби!

626

Во Националниот парк „Галичица”, кој е и под заштита на УНЕСКО, евидентирани се 2.321 објекти за кои тече постапката за легализација, објави МКД.МК.

За национален парк е прогласен во 1958 година и опфаќа дел од истоимениот планински масив и делови од охридското и преспанското крајбрежје, како и островот Голем Град во Преспанското Езеро.

Во врска со актуелната тема „легализација“ на дивоградбите, Закон што претседателот на државата, Стево Пендаровски, одби да го потпише, директорот на Националниот парк Андон Бојаџи за МКД.МК вели дека е крајно недозволиво државата некому да му одобри легализација на дивоградба, па уште изградена на државно земјиште и уште да плати за тоа ниска сума на пари како што тоа го имаше предвидено законот.

„Ем дивоградба, ем на државно земјиште, а да не спомнувам и дека се работи за Национален парк под заштитата на УНЕСКО. И навистина, голем е бројот на објекти каде е узурпирано земјиште во сопственост на државата”, вели Бојаџи за МКД.МК.

Тој оценува дека урбанизацијата е проблемот број еден за статусот на Галичица.