Американската агенција која вршеше истрага за големата несреќа во која животот го загубија Коби Брајант, неговата ќерка Џиана и уште седум патници денеска излезе со целокупен извештај на 600 страници, една година по трагедијата која го зави во црно цел кошаркарски свет.
Легендата на Лос Анџелес Лејкерс го загуби животот на 26-ти јануари минатата година и одговорната агенција излезе со комплетна студија две седмици по навршувањето на едногодишнината од несреќата, за која главен причинител сепак бил пилотот Ара Зобајан.
При извршувањето на истрагата, не е пронајден никаков дефект во леталото, поради што се наведуваат две причини како главни за огромната катастрофа која облеа во солзи неколку семејства, но и цела кошаркарска спортска јавност во Америка и пошироко.
Во извештајот се наведува дека првата грешка е што пилотот Зобајан воопшто полетал и се упатил кон облаците во лошите временски што е со закон забрането, а како втора пресудна причина се наведува тоа што управувачот на леталото се дезориентирал во клучните моменти пред да се забие во ридот, удар по кој на лице место починале сите девет патници, вклучувајќи ги Коби и неговата сакана ќерка.
Вдовицата Ванеса Брајант веќе покрена обвинение против агенцијата која го одржувала хеликопетерот и го посочи пилотот како виновник за несреќата, а од извештајот на американската агенција се дозна дека хеликоптерот немал „црна кутија“ и никогаш нема да се дознае како патниците ги доживеале последните моменти од своите животи.















![[ВИДЕО/ФОТО] Нови спектакуларни снимки од Месечината и Млечниот Пат](https://www.mkvesti.mk/wp-content/uploads/2026/04/Qmeo5-screenshot-4-218x150.png)
















