CNN: Руска ракета експлодира на 500 метри од конвојот на Зеленски и Мицотакис

797

Руска ракета експлодирала на само 500 метри од украинскиот претседател Володимир Зеленски и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во текот на нивната посета на Одеса во средата, пренесува денеска „CNN“ повикувајќи се на добро известен извор.

Конвојот со лидерите го почувствувал ударот, а неговите членови виделе чад од експлозијата, тврдат извори. Во нападот биле убиени пет лица, а уште неколку се повредени, рекол портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук за американските медиуми.

Зеленски често оди на ризични посети на првите линии на борбата и угостил десетина светски лидери во Украина во повеќе од две години војна со Русија.

Нападот во средата претставуваше досега најголема закана по неговиот живот, а близината до експлозијата на Мицотакис, премиер на членка на НАТО, ја нагласува опасноста од таквите посети и потенцијалните последици на судирот за светската безбедносна ситуација, пишува „CNN“. Посетата на грчкиот премиер не била однапред најавена поради безбедност.

„Го видовме денешниот удар. Гледаме со кој се носиме, не им е грижа каде напаѓаат. Знам дека денеска има жртви, не знам други детали, но знам дека има загинати и повредени“, рекол Зеленски после нападот.

Мицотакис рекол дека нападот „е најдобар, најјасен потсетник дека тука се води вистинска војна“.

„Војната тука се води секој ден и не влијае само на фронтот и на војници, туку и на нашите недолжни сограѓани“, додал тој.

Тој и Зеленски во средата го посетиле тоа пристаниште на југот на Украина, клучно за извоз на житарки преку Црното море, а украинскиот претседател го запознал шефот на грчката влада со напорите кои се преземаат за да се обнови и зајакне таа украинска поморска рута, пренесува агенцијата „France Presse“.

По таа рута до крајот на договорот за жито со Русија во јули 2023-та година извезени се 28 милиони тони украински житарки. Русија излезе од тој договор поради отежнат извоз на своите земјоделски производи поради бирократските пречки од Западот.

Украина во август таа година еднострано отвори друга извозна рута и покрај заканите на Русија за мерките за одмазда кон украинските бродови кои излегуваат и влегуваат во тоа украинско пристаниште.