Во периодот од 2020 до 2023, време нa министерувањето на Оливер Спасовски со МВР и Бочварски за транспорт (двајцата од СДСМ), мерките и активностите на надлежните институции не биле ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, покажува ревизорскиот извештајот на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија“ на Државниот завод за ревизија.
- Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица, се наведува во извештајот на ДЗР.
Ревизорите оцениле дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво.
- Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата. За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело надлежно за наведените активности, велат од ДЗР.
Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, како што се посочува, имала за цел бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30%, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.
По спроведената ревизија било утврдено дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ.
-Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30% не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата „млад возач“; бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 % во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица; бројот на деца – жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица, стои во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека во периодот 2019-2023 година, Македонија, во однос на земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители.
Според анализите на податоците од базите сообраќајните незгоди со последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди; најголем број се случиле на територија на СВР Скопје-41%; СВР Тетово- 14%; СВР Битола и Охрид – 9%, Штип-8%, Куманово-7%, Велес и Струмица-6%.
Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, како што велат од ДЗР, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување.
-При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол. Поради технички ограничувања на апликацијата за спроведени контроли, како и на внесување на географските координати на локацијата на сообраќајните незгоди, МВР не е во можност истите да ги користи како основ за планирање нови активности и креирање нови мерки за зголемување на ефикасноста на интервенциите на МВР, посочуваат од ДЗР.
Оттаму додаваат дека со Законот за возила е уредено МВР да води Регистар на возила со цел воспоставување систем за размена на податоци меѓу субјектите од областа на возилата за одобрување, пуштање на пазар, технички преглед, регистрација и пуштање во сообраќај на патиштата.
Регистарот на возила, како што велат од ДЗР, се уште не е воспоставен, поради тоа што не е изготвен потребниот подзаконски акт.
- Системот „Safe City“ (Безбеден град) со кој располага и управува МВР, е имплементиран и функционален повеќе години за што во континуитет се обезбедуваат средства за одржување, но истиот се уште не се користи за документирање на сообраќајни прекршоци и за изрекување на казни поради неприлагодена законска регулатива, посочуваат од ДЗР.
Според ревизорите и покрај континуираните напори на МВР за зајакнување на човечките и материјалните капацитети, постои потреба од зголемување на бројот на вработените во одделните СВР, набавка на опрема, како и модернизација на софтверските апликации за обработка на податоците поврзани со сообраќајни незгоди.
-Во рамки на доделените надлежности за управување со државните патишта во делот на планирање, изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на јавни патишта, Јавно претпријатие за државни патишта – ЈПДП врши броење на сообраќајот, води катастар на државните патишта и формира неопходни бази на податоци, велат од ДЗР.
Во извештајот се наведува дека за подобрување на поврзаноста на регионалните и националните патишта со главните Европски коридори, како и подобрување на капацитетот на ЈПДП за безбедност на патиштата и отпорност на климата, во октомври 2014 година склучен е Договор со МБОР-Светска банка за заем во износ од 52 милиони евра (3,2 милијарди денари).
За унапредување на сообраќајното образование и воспитување на учесниците во сообраќајот, РСБСП континуирано спроведува едукативни кампањи, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
-За реализација на кампањите во период 2019-2023 година, од планираните средства во вкупен износ од 37 милиони денари, најголем дел, односно 39% се однесуваат за изработка на материјали за кампањи, а 21% за надоместоци за работни групи ангажирани за кампањите. Утврдивме дека РСБСП не врши мерење на постигнатиот ефект од спроведените кампањи како индикатор за подобрување на истите. Приходите кои РСБС ги остварува од наплата на такса при регистрација на моторни возила се нецелосни и во период од 2019 година до октомври 2024 година неколку технички станици уплатиле помалку средства во корист на РСБСП во износ од 2 милиони денари (35.653 евра), од кои дел се однесуваат за период од над 3 години, што создава ризик од застарување за наплата, се наведува во извештајот.
ДЗР посочува дека од страна на Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година, набавени се софтвер и опрема во вкупен износ од 7,3 милиони денари, за намени поврзани со безбедноста во сообраќајот, а кои и до денот на изработка на Конечниот ревизорски извештај не се користат од ниту една институција. Министерството за транспорт е надлежно за реализација на проектот за поврзување на локални патишта.
-Во март 2023 година од страна на Единицата за имплементација на проектот, подготвен е извештај и акционен план со активности и препораки за подобрување на состојбите за управување со безбедноста на патиштата кој е доставен до Министерството за транспорт во декември 2024 година, односно 20 месеци после неговото изготвување, поради што имплементацијата на дел од активностите предвидени за 2023 и 2024 година, е одложена за 2025 година, што го забавува постигнувањето на очекуваните ефекти, велат од ДЗР.
Извршените анализи и спроведените инспекции на безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата, како што посочуваат од ДЗР, упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, не задоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици од истите.
- Воспоставен е механизам за известување, со кој надлежните институции преку работни средби и состаноци, како и преку периодични и годишни извештаи редовно ги известуваат Собранието и Владата за реализација на активностите, а со нивно објавување на веб страните, се известува јавноста и другите засегнати страни за нивните тековни активности. Во делот на мониторингот, не е извршено следење на реализација на активностите од Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2015-2020 и оценка на ефектите од истите, истакнуваат од ДЗР.
Дополнително, како што посочуваат ревизорите, надлежните институции не вршат евалуацијата на постигнатите ефекти од спроведените мерки и активности согласно утврдените индикатори, за навремена детекција и отстранување на слабости при управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата.
По ревизијата дадени се препораки за надминување и подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамка за процесот на управување безбедноста во сообраќајот, зајакнување на човечките, финансиските и техничките капацитети на институциите, како и воспоставување на систем за мониторинг и евалуација на ефектите од спроведените активности.