24-годишната пациентка од Тетово е најбрзиот смртен случај од Ковид-19 во земјава кај млад пациент, ќе се истражува и во МАНУ

109

Најмладата пациентка која починала од Ковид-19 во нашите болници досега, 24-годишната тетовка, непријатно ги изненади лекарите.

Се прашуваат како може вирусот кај толку млад човек за толку кратко време да развие таква тешка клиничка слика и фатален крај.

Директорката на клиниката д-р Милена Стевановиќ, за „Сакам да кажам“ изјавила дека девојката немала претходни хронични заболувања, но откако ќе поминат овие први денови на жалост во семејството на младата тетовка, Клиниката ќе го контактира за да се одгатне оваа дилема.

„Поради влошување на состојбата, младата пациентка е тестирана во Клиничкиот центар во Тетово. Веднаш е хоспитализирана, утврден е позитивен тест на Ковид-19. Се утврдило дека покачената температура, омалаксаноста, кашлицата и отежнатото дишење се последица на зараза со Ковид-19. Пациентката останува таму една недела, ситуацијата не се подобрува, ја земаме ние овде, на Инфективната клиника“, кажува д-р Стевановиќ.

„Имавме благо подобрување во лекувањето, но брзо потоа попушти срцето и се појави пулмонална тромбоемболија. Ја лекуваше и кардиологот кој е кај нас, ѝ даде соодветна терапија, но таа не успеа да се избори. Зошто оваа млада жена разви така тешка слика немам одговор, ни човечки ни лекарски. Немаше покачена телесна тежина“, вели д-р Стевановиќ.

За овој случај ќе биде консултиран и тимот во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со кого соработува Инфективната клиника на истражувањата во врска со коронавирусот.