10 прашања кои треба да си ги поставите на почетокот на секој месец за посреќен живот

639

Почетокот на секој месец обележува уште едно ново поглавје во вашиот живот. Ова секако не е можеби толку значајно како стартот на новата година, но сепак претставува уште една нова шанса да ги исправите сите искривени нешта кои не функционираат сјајно во вашиот живот.

 

Овие 10 прашања ќе ви помогнат да пронајдете нова перспектива и да внесете позитивни промени веќе од следниот месец:

1. Каков ми беше минатиот месец?

Бидејќи (само)анализирањето е суштински важно и ќе ви помогне да ја увидите разликата, односно дали напредувате, стагнирате или назадувате.

Еве што треба да се запрашате дополнително: a) Што се случи минатиот месец? б) Дали постигнав некоја од моите зацртани цели? Доколку не – зошто не? в) Што се случи позитивно, а што негативно? г) Дали изгубив контакт со некој важен и потребно ли е да го побарам? д) Какви грешки направив, можам ли следниот пат да ги избегнам и како да го сторам тоа?

Потребно е да одвоите 30-60 минути во само еден ден и да ги анализирате сите настани од изминатиот месец. Рефлексијата од истиот ќе направи да донесете помудри одлуки во следниот.

2. Кој е минимумот што треба да го исполнам?

Секако, не треба да се задоволувате со минимум, односно просек, но понекогаш добро е да си поставите пониски очекувања кои всушност ќе ве натераат секој ден да остварувате малку повеќе од зацртаното.

3. Треба ли да се подготвам за одредени настани?

Родендени, годишнини, прослави? Можеби ве очекува некој одмор или продолжен викенд? Имате закажано интервју за работа или разговор за унапредување? Секогаш е добро да се подготвите за настаните во вашиот календар, психички и физички.

4. Како сакам да се чувствувам?

Ова можеби ви звучи чудно, меѓутоа е важно. Одлучете како сакате да се чувствувате овој месец… задоволно, исполнето, среќно, летаргично, наспано, одморено… на овој начин ќе си ги поставите приоритетите – работа, забава, одмор или сон.

5. Колкав ми е буџетот за овој месец?

Кои сметки треба да се платат? Какви (не)очекувани трошоци ми претстојат? Дали може да се обидам да заштедам малку пари? Бидејќи планирањето е мајка на успехот.

6. Со кого сакам да го поминам моето слободно време?

Здравиот социјален живот значи и здрав ум. Кога се дистанцирате од луѓето бидете свесни дека шансите за среќен и исполнет живот се двојно помали. Само запрашајте се – со кого би сакале да го поминете своето слободно време?

Со родителите, пријателите, роднините? Со друштвото, со партнерот или со драги луѓе од минатото со кои одамна сте изгубиле контакт?

7. Дали материјалните работи што ги поседувам ме прават среќен?

Кога во домот владее хаос, верувајте дека и животот умее да стане прилично хаотичен. Запрашајте се колку од работите кои ги имате редовно ги употребувате и ве прават среќни.

Тука е секако вашата гардероба, книгите, игрите, украсите и сите други материјални ситници кои ќе ви паднат на ум. Доколку не сте ги употребиле подолго време или забележувате дека не ве усреќуваат – подарете ги или едноставно фрлете ги.

8. Што забавно можам да правам овој месец?

Можеби имате замисла да направите нешто што не сте го направиле никогаш. Планинарење, кајакарење, искачување на некој врв, риболов, летање со падобран… да излезете во некој друг град, да погледнете сами филм во кино, да одите на пикник, да си купите нова видео-игра или книга…

Листата е практично бесконечна, вам ви останува да ја пополните со забавни активности кои ќе ве исполнат.

9. Како можам да го зачувам своето здравје месецов?

Можеби е време за вашата редовна лекарска проверка. Или дојден е моментот за посета на стоматолог/гинеколог/дерматолог. Не одложувајте, здравјето нема цена и е побитно од сè.

Размислете, дали вежбате доволно? Каков е вашиот режим на исхрана и може ли да внесете некоја нова позитивна промена? Се грижите ли доволно за вашето ментално здравје?

10. Што можам да постигнам овој месец?

Ова е можеби најважното прашање од сите. Што успеавте да направите минатиот месец? За што сте подготвени во овој што следува? Зацртајте си неколку краткорочни и неколку долгорочни цели. Направете план или стратегија и работете посветено и напорно, но не заборавајте да се забавувате.


И, среќно!