Затворена е педофилската група на Телеграм, избришани се сите членови

72

Повеќе не постои порнографската група на Телеграм во која имаше над 7.000 членови, а се постираа фотографии и видеа од девојки од Македонија. Избришани се сите членови, откако администраторот на групата самиот се пријави во полиција, а две девојки го пријавија случајот. Членовите на групата бараа разголени фотографии од девојчиња, а бараа и фотографии од девојки со конкретни имиња и презимиња.

Министерство за внатрешни работи, сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, во координација со СВР Скопје изврши идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и на еден од администраторите на групата со иницијали М. П. од Скопје. Во текот на истрагата преостанува да се утврдат другите лица што имале администраторски и модераторски улоги во групата, информираше вчера полицијата.

МВР најави дека во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО, ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располагаат. Од страна на МВР ќе бидат направени дополнителни анализи на содржината што беше споделена во групата, со цел утврдување други нелегални активности и сторители, и тоа во согласност со Кривичниот законик. Паралелно на ова, МВР во соработка со „Телеграм“ презема активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата. МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, претходно информира дека засега утврдиле оти групата броела 8.000 члена, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од „Фејсбук“, „Инстаграм“, но и приватни фотографии и видеа.