Заев: „Замената, окупација со администрација се темели на историски факти“

111

Бројни реакции и натписи предизвика интервјуто што  премиерот  Зоран Заев го даде вчера за бугарски БГНЕС. Не изостанаа и новинарските прашања  на кои Заев како да беше подготвен со претходно напишан говор.

Пред домашните новинари изјави , дека бил целосно  свесен за  реакциите , но оти како прв човек во извршната власт имал како што рече обврска  да поттикне придвижување  кон решение  на отворените прашања со Бугарија. Европа ги реши прашањата на европски начин,време е тоа да го стори и Балканот  ако сака да продолжи кон Европа рече Заев.

Прашан зошто бугарската  окупација ја изедначува со администрација  во интервјуто  за бугарската телевизија, Заев кажа дека одговорот го темели на историски факти кои можат да ги потврдат сите.

„Зборувам за факти, историски кои можат да ги потврдат  сите. А тоа е дека царска Бугарија 41 година застанува на страна на тројниот пакт на фашизмот. И во тие моменти никој не ги прашал Бугарите на референдум, ниту пак некој ги прашал каква е нивната определба… Но не е причина да кажете дека цел еден народ, без разлика дали е македонскиот, албанскиот, бугарскиот, српскиот дека е окупатор. Затоа велам администрација“, посочува Зоран Заев.

Македонскиот премиер не негира дека од територијата на цела држава се тргнати плочите каде стои напишано бугарски фашистички окупатор. Беше запрашан кога и кој ја донел таквата  одлука?

„Тоа е направено низ цела територија на државата на многу места најголем дел надлежни се самите општини. Се работи за спомен обележја… Согласно договорот за пријателство со Бугарија и обврската за негување пријателство помеѓу двете земји кои се преземени од двете страни,  е постапено во делот на градењето на тоа пријателство“, додава Зоран Заев.

Инаку на интервјуто  на Заев покрај многубројните граѓански реакции на социјалните мрежи осамнаа  и статуси од историчари и членови на актуелната историска комисија.

Љубица Спасковска актуелен член на историската комисија на својот Фејсбук профил имаше  напишано- политичарите да не коментираат теми кои што не ги разбираат.

„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза“.

Историското минато не треба да не ограничува кон трасирање на европскиот пат рече денеска Заев, коментирајќи ги написите на социјалните медиуми.