За мисата на Папата Франциск само со пропусница, католичката црква ќе ги дели бесплатно

113

Сите граѓани и верници–католици, кои сакаат да присуствуваат на мисата на плоштадот „Македонија“ на 7 мај 2019 година која ќе ја одржи Папата Франциск во историската посета на нашата земја, ќе може да присуствуваат само со пропусници, кои ќе бидат бесплатни, но задолжителни.

Пропусниците ќе може да се подигаат на неколку начини. Од 22 април, в понеделник, Катедрална црква Пресвето срце Исусово во Скопје ќе почне да ги дели пропусниците од 10 часот наутро. Граѓаните ќе треба со себе да носат лична карта. За да нема турканици, може и едно лице да дојде со повеќе лични карти и да подигне исто толку пропусници за мисата на Папата Франциск.

Од Катедралната црква Пресвето срце Исусово велат дека заинтересираните граѓани од внатрешноста не мора лично да доаѓаат еднаш да земат пропусници, а потоа и на 7 мај, туку може само да се јават на телефонскиот број 02 3229 167, по што ќе бидат евидентирани на список.

Пропусниците на пријавените граѓани од внатрешноста, ќе ги чекаат тука во Катедралната црква, велат оттаму.

За странските државјани, пак, кои се со странски документи за идентификација, а ќе сакаат да присуствуваат на мисата на Папата, ќе има посебна процедура. Ќе има монтажни куќички на Црквата на Плоштад и тие таму ќе се пријават и ќе си земат пропусници.

Децата и малолетниците нема да се пријавуваат претходно на списоци за да добијат пропусници, тие ќе влегуваат со своите родители.

На 7 мај, во Скопје за прв пат ќе допатува Папа Франциск, а неговата посета се совпаѓа со 25 годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија, односно Северна Република Македонија и Ватикан.

Неговата агенда ќе започне од утринските часови. По официјалниот пречек, Папата ќе се сретне со претседателот во заминување Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со претставници од граѓанскиот сектор и со дипломатскиот врв. Во текот на неговиот престој, тој ќе се сретне и со верските поглавари и со сиромашни.

Посетата Папата Франциск ќе ја заврши во попладневните часови на 7 мај, по што ќе се врати во Рим.

loading...