[ВИДЕО] Откриен нов вид на џиновска анаконда, долга 8 метри и тешка повеќе од 200 кг

1799

Холандскиот биолог Фрик Вонк објави видео од средбата со новооткриениот вид џиновска змија: „На снимката се гледа најголемата анаконда што некогаш сум ја видел“.

Научниците со помош на автохтоно племе открија нов вид џиновска анаконда во оддалечено и скриено подрачје на Амазон. Биологот Брајан Фрај од Универзитетот Квинсленд во Австралија го предводел тимот кој пронашол и проучувал неколку примероци од новооткриената северна зелена анаконда (Eunectes akaima) во регионот Бамено.

„Ние бевме поканети од племето Ваорани да го истражиме регионот и да собереме примероци од одредена популација на анаконда, за која се шпекулира дека е најголемата досега. Ловците нè одведоа во џунглата на 10-дневна експедиција. Племето, всушност, ги смета овие змии за свети“, вели Фрај.

Значајна генетска разлика

Фрај наведува дека северната зелена анаконда се разделила од јужната зелена анаконда пред речиси 10 милиони години и дека генетски се разликуваат за 5,5 проценти. „Ова е многу значајна разлика. На пример, луѓето генетски се разликуваат од шимпанзата само за околу 2 отсто. Ова откритие е врв во мојата кариера“, додава тој.

Во истражувањето учествувал и холандскиот биолог Фрик Вонк, кој пред неколку дена на својата Фејсбук страница објави видео од средбата со новооткриениот вид џиновска змија. „Видеото ја прикажува најголемата анаконда што некогаш сум ја видел. Дебела е како автомобилска гума, долга е 8 метри и тежи над 200 килограми – со глава голема колку мојата“, напиша тој.

Тие го фаќаат својот плен, а потоа го дават и го гмечат

Досега беа познати 4 видови анаконда, вклучувајќи ја и зелената анаконда (позната како џиновска анаконда). Зелените анаконди се вистински џинови меѓу рептилите. Најголемите женки можат да пораснат повеќе од 7 метри и тежат над 250 килограми.

Овие животни се добро приспособени на животот кој го поминуваат главно во вода. Ноздрите и очите им се на врвот на главата, така што тие можат да гледаат и да дишат додека остатокот од телото им е потопен. Овие змии имаат маслинеста боја, со големи црни дамки, што им овозможува да се вклопат со околината. Зелената анаконда лесно се движи низ вода и може да нападне голем плен како капибари и елени, пишува „Conversation“.

Овие суштества не се отровни. Тие го зграпчуваат пленот со големите, флексибилни вилици, а потоа го дават и го дробат со моќните тела пред да го проголтаат.