ВИДЕО: Ѓоковиќ во четвртфиналето на „УС Опен“

32

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на „УС Опен“ во Њујорк, откако го победи 99 тенисер во светот, Американецот Џенсон Бруксби, по четири сета, 1:6, 6:3, 6:2, 6:2. Првиот тенисер во светот победи по два часа и 58 минути.

Американецот направи два брејка во првиот сет и поведе во мечот по 29 минути. После тоа, Ѓоковиќ го засили темпото, во следните три сета шест пати му го одзема сервисот на 20-годишниот Бруксби и ја оствари 25-тата последователна победа на овогодинешните Грен слем турнири.

– Не започнав добро, а Џенсон беше мотивиран. Имаше јасен план за игра, одлично изведуваше удари. Немав ритам, правев многу неизнудени грешки, а тој одлично ја читаше играта.

За време на вториот сет, моментумот се промени, одигравме неколку долги гемови. Го загубив сервисот, но успеав да го вратам брејкот во следниот гем, откако започнав почисто да удирам. Секогаш кога требаше, добро сервирав, добро удирав. Тоа беше физичка битка, многу исцрпувачки размени на удари. Честитки за играта до противникот, беше фантастична – рече Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ во четвртфиналето ќе игра против Италијанецот Матео Беретини, во репризата на овогодишното финале на „Вимблдон“. Беретини во осминафиналето го совлада Оскар Оте од Германија со 6:4, 3:6, 6:3, 6:2.

Бруксби играше во осминафиналето на грен слем турнир за првпат во кариерата. Тој е првиот Американец по Енди Родик во 2002 година, кој стигна до осминафиналето на „УС Опен“.