ВИДЕО: Барди и Нестор го освоија Лихтенштајн, Македонија на бод до полуфинале на ЛН

1049

Македонија се наоѓа на еден бод до место на завршниот турнир на лига Д на Лигата на нации. Вчера вечер во Вадус, момците на Ангеловски го совладаа Лихтенштајн со 0-2 (0-0) и им се вратија на победите по убедливиот ноемвриски пораз од Ерменија.

Ангеловски почна без Спировски и Адеми, а со оглед на повредените и казнети Велковски, Ристовски, Алиоски и Елмас, тимот претрпе многу измени за разлика од минатиот месец во Ереван.

Во 18. минута првата закана ја упати Хасани, но биеше во надворешниот дел на мрежата. Домашната одбрана неколку пати ги фати нашите напаѓачи во недозволена позиција, но нивната игра беше подложна на ризик и грешки. Во 34. минута Пандев го најде Трајковски, но овој беше изблокиран од домашниот дефанзивец Квинтанс.

Капитенот Пандев се обиде од дистанца, но ударот од блокот заврши во корнер. И покрај поактивната игра, првиот дел заврши без голови и без одбрани на Бухел и Димитриевски.

Вториот дел започна во знакот на жолтите картони. Најнапред Пандев влезе во бележникот на Арделеану, а потоа Визер заработи втор жолт картон и Лихенштајн скоро цело полувреме мораше да игра со човек помалку.

Енис Барди со прекрасно изведен слободен удар го матира Бухел и од 53. минута Македонија поведе. Во 70. минута Пандев биеше од волеј со левата нога, но дирекот го спаси Бухел. Трајковски во 75. минута упати дијагонала, но биеше за малку непрецизно.

Ангеловски ги внесе Крсте Велкоски и Стефан Спировски на местата на Тричковски и Хасани. Фудбалерот на Ференцварош се повреди и брзо беше заменет со Кристијан Тошевски. Крсте Велкоски во 88. минута ја прокоцка претпоследната шанса за поубедлива победа.

Во последните мигови и капитенот Пандев излезе пед Бухел, го мина, но биеше в надворешниот дел од мрежата. Во првата од четирите минути од судиското надополнување, врската од Палермо проработе и Несторовски на додавање на Трајковски ги постави финалните 0-2 со лесна реализација од пет метри.

Македонија го затвори натпреварот без доза на ризик и по седми пат во осмиот дуел го совлада Лихтенштајн. Македонија е на само бод до полуфинале, а три со сигурност ќе ни донесат дуел на домашен терен.