Вештачката интелигенција покажа како изгледаат совршените маж и жена

695

Изгледа дека мажите навистина повеќе сакаат русокоси, а жените „паѓаат“ на висок, згоден и темен маж.

Така барем смета вештачката интелигенција која креирала слики од совршени мажи и совршени жени на основа на анализи на милијарди фотографии од различни социјални мрежи и профили на луѓе за кои се верува дека се убави и привлечни.

Групата за подигнување на свеста за нарушувања во исхраната „The Bulimia Project“ побарала од вештачката интелигенција да ги креира идеалните женски и машки тела, во согласност со она што на социјалните мрежи има најмногу лајкови и коментари.

 

 

 

Истражувачите на оваа организација утврдиле дека по дадените параметри, најпосакувана жена е онаа која има руса коса, бронзен тен, кафеави очи и витко тело, додека најпосакуваниот маж има темни очи, истакнати јаболчици и дефинирани мускули, пренесува „Daily Mail“.

„The Bulimia Project“ тестирала различни генератори на слики за да утврди како изгледа идејата на вештачката интелигенција за совршениот изглед кај двата пола. Се чини дека таа нуди застарено разбирање за убавината – бела раса, но и исончани, витки и мускулести луѓе.

Вештачката интелигенција го добила резултатот со пребарување на интернет за веќе постоечки фотографии и потоа дизајнирање нови врз основа на тие резултати. Се верува дека е земена предвид интеракцијата на фотографиите од социјалните мрежи, вклучувајќи лајкови, коментари, како и пребарувања на интернет.

 

 

 

Речиси 40 проценти од сликите на кои се прикажани „совршени“ жени вклучувале фотографии од русокоси жени, додека 30 проценти имале кафеави очи, а повеќе од половина имале исончан, бронзен тен. Речиси 70 проценти од „совршените“ мажи имале кафеава коса, а 23 проценти кафеави очи. Слично на жените, повеќето мажи имале бронзен тен, а речиси половина имале брада.

Многу од нив биле добро градени, а воедно имале и карактеристики како полни усни, тен без брчки и пори, совршени носеви и сето она што нè потсетува на честата употреба на филери и пластична хирургија во современиот свет.

„Во ерата на Инстаграм и Снепчет филтри, никој не може на разумен начин да ги постигне стандардите кои ги поставуваат социјалните медиуми. Па, зошто се обидувате да постигнете нереални идеали? И ментално и физички е поздраво да се одржуваат очекувањата за имиџот на своето тело во доменот на реалноста“, реагираат од споменатата организација.

 

 

 

Џејмс Кампигото, новинар од Флорида кој учествувал во проектот, изјавил дека сакале да ја преиспитаат пристрасноста на вештачката интелигенција и опасноста која таа ја носи, како и моќта на социјалните медиуми која претставува закана, особено кога ги користат млади луѓе.

Една студија од Универзитетот во Монтреал од 2019 година имала за цел да ги истражи штетните ефекти од долготрајната употреба на социјалните мрежи врз сликата за сопствениот изглед. Тамошниот тим следел 4000 тинејџери на возраст од 12 до 16 години во период од 4 години, откривајќи дека одредени облици на социјални медиуми и ТВ емисии поттикнуваат спирала на депресија.

Од година во година, тинејџерите во просек покажувале сè поголеми симптоми на депресија. За секој час повеќе кој тинејџерите го поминувале на социјалните мрежи или гледајќи ТВ, пријавиле дека придонело за нивно намалување на самодовербата, а зголемување на депресијата.