Вашингтон одбива Фрчкоски да биде амбасадор во САД

62

Љубомир Даналилов Фрчкоски, за кого неодамна беше објавено дека ќе биде новиот македонски амбасадор во Вашингтон, од САД не ја добил согласноста за оваа дипломатска функција, пренесува „МКД.мк“.

МКД.мк“ информира дека нивните извори не откриваат детали зошто Фрчкоски е неприфатлив за Соединетите Американски Држави – дали на тоа влијаеле неговите поранешни политички ангажмани или е нешто друго во прашање.

Сепак ова е неофицијална информација, која на својот Фејсбук профил ja лиферуваше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Според него, ова ќе биде последица на реакциите од страна од стратешкиот партнер кои пред неколку дена по дипломатски пат стигнале директно и до премиерот Зоран Заев, со прашање дали е сигурен дека Фрчковски би можел да добие НАТО безбедносен сертификат, што е предуслов за размената на строго доверливи информации на највисоко државно ниво.

„Заев се правдал дека нема детални информации на таа тема за предложениот амбасадор, но дека ќе разговара со Фрчкоски за да му понуди друга функционерска опција, надвор од дипломатијата“, стои во Фејсбук статусот.

Фрчкоски не е член на СДСМ, но во изминатите децении бил на високи државни функции – министер за внатрешни работи во времето на атентатот врз претседателот Глигоров, потоа и министер за надворешни работи, советник на поранешни претседатели…

Македонија нема амбасадор во Вашингтон повеќе од три години, откако измина мандатот на последниот амбасадор Васко Наумовски.