Вардар со нова победа го потврди пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите

731

Екипата на Вардар дојде до триумф и на домашен терен од 32:30 во осминафиналениот двомеч од Лигата на шампионите против ППД Загреб и со тоа на најдобар можен начин го потврди својот пласман во четвртфиналето од ЛШ.

Вардар славеше и на првиот меч во Загреб со 18:27 и со тоа практично беше со едната нога во следната фаза, а вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со победа од 32:30 го потврдија четвртфиналниот статус.

Вардар требаше да слави убедлива победа, но во опуштеноста во финишот му дозволи на ППД Загреб да се врати во мечот и достоинствено да се прости од Лигата на шампионите.

Македонскиот шампион во текот на првото полувреме уште од стартот наметна силно темпо и имаше поволна разлика, а највисоката изнесуваше плус шест (13:7) која се задржа до полувремето кога на пауза се замина со 19:13.

На самиот почеток од второто полувреме Вардар дојде и до плус седум (23:16), а по ова гостите од Хрватска успеаја да се консолидираат и да намалат на три гола разлика, а на десет минути до крајот успеаја да дојдат до еден гол негатива (29:28), а потоа благодарение на Хорват и да го израмнат резултатот на 30:30.

Сепак, кога беше најпотребно Скубе и Чупиќ постигнаа два гола со кои беше решен победникот на вечерашната средба.

Чупиќ беше најефикасниот во таборот на Вардар со девет постигнати гола, Дибиров и Калараш додадоа по три, додека кај Загреб убедливо најдобар беше Златко Хорват со 11 погодоци со што воедно беше и најдобар стрелец на натпреварот.

Вардар во четвртфиналето од ЛШ ќе се соочи со ПИК Сегед или Висла Плок. Првиот натпревар помеѓу двете екипи заврши со победа на унгарскиот состав од 22:20, а реваншот се игра утре од 17:00 часот.