Унгарскиот шеф на дипломатијата во Македонија донесе 100.000 заштитни маски и 5.000 скафандери

77

Со специјален воен каргоавион, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, допатува во земјава директно до Унгарија со пакети помош од 100 илјади заштитни маски и 5 илјади заштитни скафандери.

Сијарто на скопскиот аеродром беше пречекан од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

„Северна Македонија и Унгарија имаат одлична билатерална соработка, за што сведочи и денешната поддршка, која во вакви застрашувачки времиња, кога секој се бори да обезбеди средства за сопствени потреби, покажаа навистина несебична солидарност од страна на Република Унгарија“, изјави Османи, упатувајќи лична благодарност до министерот Петар Сијарто за севкупната поддршка на Република Унгарија за земјава.

По пречекот, во просториите на самиот аеродром, Османи оствари и билатарелана работна средба, на која беа разменети информации и за натамошните чекори во однос на европската агенда на земјава по добивањето на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, процесот на формирањето на преговарачката рамка, како и подготовката на земјата за самиот почеток на преговорите.

„Дозволете да се заблагодарам за цврстата и гласна поддршка за нашите европски интеграции, вклучувајќи ја тука и навистина успешната мисија на еврокомесарот за проширување Вархеји, кому најмногу може да му се препише заслугата за експресното усогласување на новата методологија и, секако, исправањето на грешката од ноември минатата година преку одлуката на ЕУ за почеток на преговорите со земјава “, истакна Османи, посочувајќи дека Република Северна Македонија, и покрај предизвикот во справувањето со КОВИД19, соодветно ќе се подготви и адаптира за почеток на преговорите.