Уметникот Иван Аџиевски со втора самостојна изложба – „Beauty spot 2“

75

На 8 – ми ноември , во вторник во просториите на Културно социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје со почеток од 19 часот втора самостојна изложба ќе има уметникот Иван Аџиевски.

Настанот е од мултимедиален карактер на кој ќе бидат изложени уметнички слики и видео проекција на уметникот Иван Аџиевски и инструментален настап на рок фјужн бендот The Frame. Иван Аџиевски е израснат во семејство со традиција во ликовната уметност, а во водите на сликарството влегува во 2018 година преку реализација на својата прва самостојна изложба Beauty Spot.

Тогаш беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со претстава на женски лик и акт во експресионистички манир, каде што субјектите имаат изразено издолжени делови од телата. На својата втора самостојна изложба Beauty Spot 2 во КСП Јадро се претставува со 24 слики изработени во комбинирана техника, со употреба на различни сликарски медиуми и материјали на платно и на хартија.

Тие се продолжеток од претходната матрица на насликани портрети на девојка и женски акти што сега се претставени кубистички со делумна апстракција. Секоја слика има различна представа на темата со ново искуство, доживување и енергија.