Близу 800 вработени останале без ноемвриската плата, откако 245 газди на компании земале државна помош за исплата на плати, но парите си ги задржале за себе. Со ова продолжува праксата за злоупотреба на државна помош. Првичната бројка беше 596 сопственици кои земале помош и не им дале плата на вработените до 15 – ти во месецот, но со пресекот направен на последниот ден од годината, бројката на газди злоупотребувачи се преполовила.
Од УЈП велат дека сите сопственици добиле опомена во рок од седум дена да ги исплатат платите, по што следува присилна наплата.
„Листата на компании кои што примиле износ на финансиска поддршка за месец ноември, а не ја исплатила на првиот работен ден ќе биде доставена до Генералниот секретаријат за јавна и транспарентна објава на неплаќачите. Овде станува збор пред се за компании кои што имаат од еден до пет вработени пред се за фамилијарни бизниси, кои што не само што ги немаат платите преку оваа државна помош туку и претходно немаат исплатено плати на своите работници така што детектирајќи еден проблем ние детектиравме повеќе проблеми“, рече Лукаревска.
И за овие сопственици Генералниот секретаријат ќе бара кривична одговорност. Во јавното обвинителство уште нема исход од првично пријавените 130 сопственици за кои уште пред четири месеци се поднесени пријави за да се отворат кривични постапки. Вкупно 13.200 работодавачи добиле државна помош во висина од 20 милиони евра за исплата на ноемвриската плата. Оваа мерка ќе трае уште за декемвриските плати, за компании кои имаат намалени приходи. Висината на помошта се движи од 14.500 до 21.700 во зависност од падот на приходот.