Тие би биле првите кои би зеле пушка во рака: Еве кои народи најмногу се подготвени да ја бранат својата земја

340

Истражувањето на институтот „Галуп Интернешнл“ покажува дека во Западна Европа, само една четвртина од населението би зело оружје во рака за да ја брани сопствената земја.

Истражувањето кое што било спроведено во 64 земји, покажува дека во западноевропските земји недостасува подготвеност земјата да се брани со оружје и дека на тоа се подготвени, во просек, само една четвртина од населението.

Според истражувањето, во Австрија само 21% од граѓаните изјавиле дека со оружје би ја штителе својата татковина.

„Овие резултати изненадуваат. Очигледно на Австријците им недостасува, како и на останатите во Централна Европа, конкретна слика на одредена закана“, ја анализира актуелната студија директорот на Воено-историскиот музеј, Кристијан Ортнер кој што смета дека во кризните години од 1956-та до 1968-ма година, како и во времето на Студената војна, заканата била јасна.

„Европската интеграција сигурно има придонесено за подобрување на чувството на сигурност во Австрија“, смета Ортнер.

Според студијата, во Швајцарија постои поголема подготвеност на граѓаните за одбрана на земјата во случај на опасност. Така, 39% од Швајцарците би ја бранеле својата татковина, а во Шведска дури 55% од населението.

Во земјите од Блискиот исток, Северна Африка и Пакистан, моментално дури 94% од граѓаните би зеле оружје за да ја бранат својата татковина. Студијата покажува дека доколку земјите се константно соочени со конфликти, мнозинството на населението е подготвено за воена одбрана. Тоа се однесува и на Израел каде што државата би ја бранеле 66% од населението и Турција каде што тој процент изнесува 73%.

Во САД, земја која што и ден денес е активна во многу војни, 44% од населението е подготвено да земе оружје и да ја брани својата татковина.

Исто така, интересно е дека само 52% од католиците велат дека би војувале за својата земја, додека тоа би го сториле 78% од муслиманите, 77% од хиндуистите и 67% од будистите. Кога станува збор за половите, подготвеноста на мажите да одат во војна од 67% е поголема во однос на таа на жените која што изнесува 52%.