Тече рокот за пријавување за новата поддршка за раст на плати повисоки од минималната

768

Тече рокот во кој работодавачите од трудоинтензивните дејности можат да се пријавуват за новата поддршка за раст на плати. Заинтересираните компании може да аплицираат во Управата за јавни приходи, преку системот за Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН), соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

Поддршката изнесува 30 отсто од разликата меѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатна во последните три месеци лани, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно.

Министерството потсетува дека еден од предвидените услови е фирмата која аплицира за поддршката претходната година да имала трошоци за работење (плати, надоместоци, даноци за плата и надоместоците и придонеси од задолжително социјално осигурување), во износ повисок од 50 отсто од вкупните расходи, а бруто исплатената плата на работникот во месеците октомври, ноември и декември 2017 година, да изнесува до 26.250 денари.

Проверката на исполнетоста на условите за добивање на финансиска поддршка ја прави Управата за јавни приходи, а исплатата на средствата, Министерството за труд и социјална политика.

Обезбедувањето на повисоки плати за работниците, велат од МТСП, е овозможено со последните измени и дополнувања на Законот за минимална плата (објавени во “Сл. весник на РМ” бр. 140/18),  каде се утврдени и условите кои треба да ги исполни работодавачот за да ја добие финансиската поддршка.

Поддршката, сметаат од Министерството, позитивно ќе влијае на растот на животниот стандард на работниците и продуктивноста на компаниите.