Додека кај нас, во 21-ви век и натаму се одржуваат улични трки и се вознемирува населението од бучавата на автомобилите и моторите преку ден и во ноќните часови, во Женева ќе се „ловат“ автомобилите кои прават бучава.
Женевското градско собрание има намера до средината на оваа година да прогласи задолжително дозволено ниво на бучава за автомобилите, мотоциклите и камионите во градското подрачје.
Активистите ги повикуваат градските власти да ја ограничат бучавата на 80 децибели, што од прилика е ниво на гласност која ја произведува машината за перење на алишта.
Бучавата е вториот најчест облик на загадување во овој швајцарски град, а Дефин Клопфенстајн од партијата на Зелените смета дека радарските уреди кои ќе регистрираат бучава и ќе го фатат проблематичното возило, сепак не треба да бидат скапи.
Сепак, развојот на еден ваков уред поради технички причини би можел да потрае некое време, затоа што еден таков радар ќе треба да биде исклучително технолошки напреден и да може да разликува различни видови на возила.
Покрај Женева, уште неколку европски градови се борат против преголемата бучава во сообраќајот, а тоа го забрануваат со ограничување на брзината, ставање на мек асфалт и забранување на „турирање“ на автомобилите.