Во Македонија има закони и процедури кои мора да се почитуваат до последната точка без исклучок, реагираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, по низата обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавниот повик со точно утврдени критериуми и услови беше објавен на 28 јуни, со рок на достава на барањето до 27 јули годинава. До крајниот рок истиот ден беше доставено само едно барање за финансиска поддршка, комисијата формирана од Министерството за транспорт и врски, веднаш пристапиле кон разгледување на барањето, а во самата постапка, комисијата утврдила дека доставено барање не е доставено согласно со точка 2 точка 1 од документацијата за барање, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не е наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, што е еден од условите пропишани во документацијата за барање“, вели Сугаревски.
Тој на вчерашната прес-конференција додаде дека како резултат на извештајот од комисијата, министерството донело одлука да го поништи јавниот повик. Сугаревски посочува дека не е точно дека Владата намерно го поништила јавниот повик за доделувањето финансиска поддршка за евтини летови. Министерот додаде дека комисијата постапила согласно со сите законски прописи.