Суарез: Куман ме прати да тренирам сам како 15 годишно дете… ме болеше, ми пречеше, плачев

471

Луис Суарез вели дека Роналд Куман нема авторитет и свое јас, Уругваецот раскажува како се чувствувал кога бил принуден да тренира сам во Барселона со цел да го натераат да го напушти клубот.

Атлетико утре ја пречекува Барселона, па Луис Суарез седна на разговор со неколку медиуми од Шпанија. Напаѓачот минатото лето речиси за беспари ги напушти „каталонците“ и се пресели во Мадрид, каде покажа дека има уште многу да понуди и со 21 погодок ги предводеше „колчонероси“ до титулата во Ла Лига.

Запрашан кој е виновен за неговото заминување од Камп Ноу, тренерот Роналд Куман или тогашниот претседател Жозеп Мариа Бартомеу, Уругваецот додава: „Двајцата одиграа улога“.

„За тренерот можам да кажам дека нема авторитет и свое јас. Да ги имаше овие работи, ќе се однесуваше поинаку кон мене. Доколку еден ден дојдеше и ми кажеше дека не смета на мене и дека треба да заминам поради тие и тие причини, ќе го прифатев тоа… но да ми рече дека не сум дел од неговите планови и потоа кога бев пред трансфер во Атлетико, да ми каже дека ако до утре не се реализира трансферот, ќе смета на мене против Виљареал… како е можно ова? Ако не се вклопувам во неговите планови, како ќе ме повика да играм?“

„Ќе ме пратеше на помалиот терен да тренирам сам како да сум некое 15 годишно дете. Ме болеше, ми пречеше, ќе се вратев дома и почнував да плачам. Но во ниту еден момент не покажав непочитување кон него, во ниту еден момент не се бунтував и работев како голем професионалец“.

„Што се однесува до претседателот, тој пушташе стории дека Суарез прави проблеми во соблекувалната, прави ова, прави она…“