Порто лани изгоре во „вулканот“, како ќе биде во празната „тврдина“ на Вардар (видео)

59

Вардар вечерва ќе го пречека Порто (20.45 часот) во обид „црвено-црните“ да врзат две победи во низа во Лигата на Шампионите и уште еднаш да покажат дека со право атакуваат на место во следната фаза од елитното европско натпреварување.

Против себе имаат ривал што игра специфичен ракомет, најчесто со инсистирање на „седум на шест“, тактика што „вардарци“ успеаја да ја пробијат на ланскиот дуел со португалскиот шампион. Тогаш Порто доминираше во првото полувреме, на одмор замина со водство од 14-16, за потоа во вториот дел Вардар со добра одбрана и неколку лесни голови од контранапад да го скрши отпорот на гостинот и да стигне до победата.

Ситуацијата не е иста, не само поради промените во играчкиот кадар на „вардарци“, туку пред се поради фактот дека Порто тогаш изгоре во „вулканот“ во СЦ „Јане Сандански“, кој вечерва ќе биде празен. Сепак, избраниците на Алушовски во ваква атмосфера го натераа на капитулација моќниот Фленсбург, па нема причина зошто добрата игра не би ја крунисале со триумф и против Порто.