Студија: Со секој залак од овие намирници, во организмот внесувате и пластика

131

Во последно време се повлечени неколку намирници од продажба бидејќи во нив биле пронајдени траги од пластика.

Со тоа, во јуни биле повлечени речиси 60.000 килограми пилешки медалјони на корпорацијата „Pilgrim’s Pride“ во Аризона, Тексас, Орегон и Ајдахо бидејќи се сомневало дека месото содржело пластика. Но, траги од пластика биле пронајдени и во артикли кои се уште се наоѓаат во слободна продажба.

Резултатите од истражувањето објавени во списанието „Environmental Science & Technology“ откриле дека научниците од институтот „QUEX“ пронашле микропластика и во сините краби, остригите, ракчињата, лигњите и сардините од австралискиот пазар.

Овој вид на пластика е помал од 5 милиметри и е со големина на семки од сусам, наведува „Medical News Today“.

Деловите од морските плодови кои се јадат биле тестирани со загревање во инкубатор на околу 60 Целзиусови степени, а внатре се наоѓал и растворувач кој ги „дигестирал“ јадливите делови. Благодарение на ова, научниците пронашле 5 видови на пластика која доаѓа од амбалажи, синтетички материјали и морски отпадоци.

„Земајќи предвид една просечна порција, луѓето кои консумираат морски плодови би можеле да внесат приближно 0,7 милиграми пластика ако јадат остриги или лигњи, но и до 30 милиграми пластика ако јадат сардели“, истакнала водечката авторка на студијата Франциска Рибеиро.

Таа исто така напоменува дека научниците биле изненадени од количината на пластика која била пронајдена во сарделите. Имено, доколку изедете 14 од овие мали риби, би можеле да внесете пластика како да сте изеле една пластична сламка, наведува „Eat This, Not That“.