Спасовски не бил запознаен со набавката на софтверот за МВР

106

Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на сведочењето на денешното рочиште за случајот против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се товари за нелегалната набавка на софтвер за МВР, изјави дека додека бил технички премиер во 2020 година, не бил запознаен со набавката на софтверот за биометриска идентификација и системот за определување на просечна брзина на движење на возилата.

Спасовски, во своето сведочење во Основниот кривичен суд Скопје, рече дека во периодот јуни 2019 – јули 2020 година, како министер и технички премиер, мисли дека на Влада не било разговарано за набавката на ваков софтвер.

– Мислам дека не е дискутирано, зошто набавките ги прави генералниот секретар и доколку било предвидено во Генералниот план го прават сами, изјави Спасовски.

Прашан дали во рамки на МВР била формирана група за набавка на софтвер за определување просечна брзина, Спасовски рече дека од тогашниот премиер Зоран Заев добил мандатно писмо за утврдување модели и правење анализи за надградба на системот „Сејф сити“ и во делот на безбедноста на сообраќајот.

– Не знам дали е тоа релевантно за случајот. Таква анализа е правена за потребите на МВР, а не за Владата. Како што кажав една од опциите тогаш беше да се набави нов софтвер, а друга да се надгради постоечкиот „Сејф сити“ систем, рече Спасовкси.

За тоа кој го прави обезбедувањето на Владата, Спасовски рече дека има два типа надворешно и внатрешно обезбедување, кои ги врши одделот за обезбедување на лица и објекти при МВР.

На прашање од обвинетиот Рашковски, дали согласно законските обврски Генералниот секретаријат има доставувано точки на Седница на Влада, Спасовски одговори потврдно.

– Една од задачите на Генералниот секретар е да прибира материјали за седници, да прибира материјали од надлежни органи, да прави анализи и да предлага дневен ред, изјави Спасовски.

На прашањето од Рашковски, дали како Влада давале грантови на компании кои придонесувале или требало да придонесуваат во работата на одделни министерства, Спасовски рече дека ако согласно програмата за работа на Владата, е предвидено и такво доделување на средства, тогаш тоа се прави.

Прашан од Рашковски дали била направена грешка со тоа што е известен директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) дека ќе го тестираат софтверот, Спасовски рече дека тоа писмо било обврска да се прати.

– Не знам дали сте направиле грешка или не. Сте имале обврска да информирате се што работите на улица, во насока на ваша и општа безбедност, изјави Спасовски

Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Во истиот процес, лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“.