Собранието денеска со дво-третинско мнозинство го избра новиот состав на Државната изборна комисија.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК истекува месецов, а заменик на досешаниот претседател Оливер Дерковски, ќе биде професорот Александар Даштевски, кој беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова за Даштевски нема да биде прво искуство во ДИК. Тој беше избран за член на Комисијата и пред парламентарните избори во 2006 година, тогаш како кадар на ВМРО-НП.
Инаку, Дитмире Шеху останува потпретседателка на ДИК, додека пак за член на предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше избран Бобан Стојаноски.
Членови на Државната изборна комисија на предлог на СДСМ се членовите Борис Кондарко и Радица Ристовска, како и Оливер Ристовски кој е нов член. За член на предлог на Алијанса за Албанците е избран и Кренар Лога.