Скопјани поделени: Дел го сакаат старото Скопје, а на дел им се допаѓа новиот лик на градот

186

Градот убав мора да еволуира и да се менува и новиот изглед на Скопје е оправдан и носи голем број на туристи. Ова го сметаат поголем дел од граѓаните, но дел од старите скопјани со носталгија се присетуваат на стариот град и сметаат дека изгледот на старото Скопје е далеку подобар од денешниот.

Скопјани, генерално се поделени во ставовите за тоа дали денес Скопје изгледа поубаво или пак во минатото главниот град повеќе наликувал на метропола. Ваква дискусија деновиве има и во фејсбук групата „Стари Скопјани“ каде тие аргументираат за тоа што им се допаѓа сега, а што не.

„Колку и да го мразам и да е не е убав сегашниот изглед на градот, за моите деца е убав и луксузен град и затоа си молчам“, вели Неџад Сабедини во дискусијата. На ова реплицираше Зоран Гапиќ кој вели дека децата се приморани да живеат тука. Но, натрупаноста, кичот, лошиот сообраќај и загадувањето е нешто што на него му пречи.

Дел од нив сметаат дека Скопје не се сака поради градбите и зградите, туку поради духот кој го има градот, пулсирањето на градот и спомените кои сме ги оставиле на скопските улици. Тие со носталгија зборуваат и се присетуваат на убавите денови од младоста, на забавите и ноќниот живот.

Сеќавањавата и носталгијата на многумина се за младоста. Скопје имаше манири и имаше дух. Денес градот е прилично темен, запуштен и сив. Жално е што дрвјата и калдрмата нема никогаш да се вратат.

Новиот лик на Скопје драстично го зголеми бројот на туристи во главниот град. Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на туристите во октомври 2018 година изнесува 83 303,а бројот на ноќевањата изнесува 182 557.Бројот на туристите во октомври 2018 година, во однос на октомври 2017 година, е зголемен за 7.1 %, а бројот на ноќевањата е зголемен за 10.1 %.