Сирија повторно се тресе, Израелците напаѓаат со „дожд“ од крстосувачки ракети: Кој е мотивот за нападите?

508

Израелците веќе долго време ги напаѓаат позициите на иранските сили распоредени во Сирија, но во последниот месец нападите се интензивираа, како и самата реторика на Израел.

Главниот град на Сирија, Дамаск, во неделата и понеделникот беше мета на жесток напад на израелската армија, а пораките кои што пристигнаа од Тел Авив исто така беа поостри од било кога.

Поради драстичната ескалација, се чини дека е само прашање на време, кога овие повремени судири на тлото на Сирија ќе прераснат во отворена војна помеѓу двете регионални сили. Сепак, воениот аналитичар Хишам Џабер ја отфрла можноста за отворена војна, барем засега.

„Израелците и Американците ја земаат во предвид и руската присутност во Сирија и врз основа на тоа се поставуваат и рамките кои што ги ограничуваат израелските активности“, изјави Џабер за Ал Џазеира и додаде дека колку и да сакаат Американците да го нападнат Иран, факт е дека иранските ракети би можеле да ги погодат „американските интереси во регионот“ и тоа засега спречува да дојде до избивање на отворена војна.

Во позадина на се пожестоките напади на Израел, Џабер гледа и друг мотив, а тоа пред се е внатрешната пресметка во Израел.

„Владата од Тел Авив моментално се соочува со проблеми поради неуспехот да ги оствари своите цели во Сирија и поради неуспехот во Појасот Газа, а покрај тоа, се води и истрага против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“, смета Џабер.

Аналитичарот Калед Хамадех тврди дека од друга страна, Иран сака конфликт, но не и отворена војна со Израел: „Иранците сакаат да дојде до воено сценарио во регионот за да ги промешаат своите карти“.

Истражувачот и академик, Али Мурад ја исклучува можноста за било каков отворен воен конфликт помеѓу Израелците, Иранците и Сиријците и смета дека овој конфликт ќе остане во рамките на одредени граници со оглед на улогата на Русија која што моментално спречува да дојде до ескалација на ситуацијата.

Токму поради тоа веројатно и се толерираат актуелните жестоки напади на Израел на сириска територија кои што не можат да ги спречат ниту руските против-воздушни системи поради нивниот голем интензитет.

Иранците досега возвратија со една лансирана ракета кон Израел од Голанската висорамнина, но таа ракета веднаш беше соборена од израелската против-воздушна одбрана, а неколку дена подоцна, израелската армија ја демонстрираше својата моќ со успешното тестирање на најнапредниот ПВО систем “Arrow-3”.