Сибирскиот огранок на Руската академија на науки заклучил дека дури 78 проценти од најзагадените руски градови се наоѓаат на подрачјето на Сибир, но научниците одлучиле да го блокираат објавувањето на извештајот за загадувањето во тој руски регион од страв дека тоа би можело да ги налути гласачите пред парламентарните избори, закажани за септември оваа година, тврди локалниот портал “Tayga.info”.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на новинарите вчера им рекол дека нема ни збор дека владата се обидела да го спречи објавувањето на загрижувачкото истражување.
“Научниците сами така одлучиле”, рекол Песков.
Порталот “Tayga.info” пишува дека сибирскиот огранок на Руската академија на науки наводно одлучил да стави ознака тајност на извештајот за загадувањето, како и дека го ускратиле пристапот до снимките од јавната расправа, објавени на ЈуТјуб.
Научниците наодите од загадувањето ги поврзале со зголемен број на пореметувања кај новороденчињата, детските болести, како и карциномите забележани во тој руски регион, пишува сибирскиот портал.
На порталот “Tayga.info”, чии новинари имале можност да ја видат снимката, се вели дека на блокирање на извештајот повикал Алексеј Конторович, основач на Институтот за геологија за нафта и гас при сибирскиот огранок на академијата за науки, пренесува “Jutarnji”.
“Замислете да го објавиме овие извештаи со вакви информации, како бомби, пред избори”, рекол Конторович на снимката.
Колегата на Конторович и еден од авторите на истражувањето, лидерот на Институтот за атмосферска оптика Игор Пташник, за порталот “Open Media” рекол дека одлуката за блокада на извештајот само му дала дополнително внимание на извештајот.