Шилегов: Со поскапувањето на паркингот на Клинички исправаме неправда

297

Градот Скопје се обиде да исправи неправда. Ја воедначи цената на паркингот на Клиничкиот центар со другите паркинг зони околу кои гравитираат други институции. Градот не би се однесувал подеднакво кон своите граѓани ако на едно место дава услуга за 800 денари, а на друго за 350, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, одговорајќи на новинарски прашања.

Шилегов истакна дека во Клиничкиот центар мора да се пробијат нови сообраќајни решенија за Брзата помош лесно да доаѓа до клиниките, наместо да чека ред со дргутие возила, а на две места на паркингот на Клинички центар треба да се изградат монтажни катни гаражи со што ќе се зголеми каацитетот за повеќе од 350 нови паркинг места.

-На паркингот кај „Нова Македонија“ луѓето плажаат по 800 денари, а во катната гаража „Беко“ вработените во министерствата за финансии и за правда плаќаат по 1.000 днари. Ја воедначивме цената на услугите, а зошто некој во дадена фаза решил концептот на сообраќај на Клинички центар да го уништи давајќи 1.500 месечни карти за 670 паркинг места без да го зголеми капацитетот за непречен пристап на возила, не можам јас да кажам. Тоа се одлуки на претходната власт. Она што сакаме е да исправиме неправда кон останатите граѓани, од една страна, а од друга, да најдеме доволно средства за изградба на двете монтажни катни гаражни, рече Шилегов по националната конференција за децентрализација.

Дваесет и пет денари за час, колку што изнесува паркингот, се доволни само за манипулативните трошоци на Градски паркинг – Скопје.

-Не можам да дозволам како градоначалник да го доведам јавното претпријатие во финансиски колапс со иградба на нови капацитети од кои не може да се оствари барем минимален кост-бенефит, појасни Шилегов.

За тоа кој ќе управува со паркингот, во тек се, рече, разговорите. – Немаме ниту претензија, ниту илузија дека таму треба да останеме. Ако Клиничкиот центар одлулчи тоа да го направи, Градот нема ништо против, подвлече скопскиот градоначалник.

Во врска со неговата изјава дека пациенти умираат на Клинички поради сообраќајниот метеж на Клинички, образложи дека не се однесувала на никого лично и дека не му е проблем да се извини ако некој тоа така го сфатил.

-Ако некој се нашол повреден од изјавата, немам проблем да се извинам. Ниту била дадена во контекст, ниту била насочена кон некого лично. Се однесуваше на состојбата што сите ја знаеме во Клиничкиот центар, истакна Шилегов.

Во контекст на состојбите во здравството, премиерот Заев најави ново зголемување на платите за пет отсто од септември 2019 година.

– Среќен сум што успеавме да изнајдеме средства, покрај ланското покачување за пет отсто, годинава да ја поченем со нови десет проценти зголемување на платите на специјалистите и пет проценти на платите на медицинските сестри, болничарите и другиот персонал. Следува и од септември 2019 уште по пет проценти. Со тоа ќе стигнеме просек од 90.000 денари вкупен приход на специјалистите, нето плата и дежурства, иако има случаи во терциерното здравство каде специјалисти земаат и по 140.000 – 150.000 денари приход или 2.500 евра плата. Ако ги споредиме со платите во Германија, можеме да кажеме дека сме направиле сериозен исчекор, нагласи Заев.

Специјалистите во внатрешноста поради немањето доволно лекари, имаат почести дежурства, па и нивните плати, дополни Заев, достигнуваат 110.000 – 120.00 денари.

-Верувам дека нивото на достоинствено живеење и работење во делот на здравството го дигаме, потенцира премиерот Зоран Заев и укажа дека средства за поголеми плати треба да се изнајдат и за Армијата, полицијата и другите институции.