Шилегов: Ќе се руши мостот „Обединети нации“ во Влае, ова е моја одлука!

577

Ќе се урива мостот Обединети нации кој ги поврзува Влае и Карпош. На негово место предвидена е изградба на нов мост согласно проектот за воведување на брзиот автобуски транспорт.

-Ова е инвестиција каде немате право на грешка при изработка на тендерската документација. На самата траса најкритична точка е мостот Обединети нации. Мојата одлука е да извршиме замена на мостот, што значи ќе треба тој мост фаза по фаза да се отстрани и да се изгради нов и со тоа брзиот автобуски превоз во полн капацитет ќе оди до Ѓорче Петров. Мостот ќе биде со по три ленти во двата правци. Мораме внимателно да планираме оти под мостот е главната водоводна цевка на Град Скопје и други топловодни инсталации. Затоа е подобро да доцнимте оти немаме право на импровизиција, рече Шилегов.

Според сообраќајното решение кое беше презентирано во јули, возилата ќе се движат по посебната лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.