Се спојуваат телекомуникациската компанија Еј Ти енд Ти и медиумската група Тајм Ворнер

761

Федерален судија од Вашингтон без предуслови дозволи спојувањето на телекомуникациската компанија Еј Ти енд Ти (AT&T) и медиумската група Тајм Ворнер (Time Warner) во вредност од 85 милијарди долари.

Со одлуката се отфрла барањето на американското Министерство за правда да се блокира процесот, за кој одлука беше објавена кон крајот на 2016 година

Судијата Ричард Лион процени дека за време на судењето, американската влада не успеала да докаже дека ова спојување ќе биде штетно за конкурентите на двете компании.

Директорот на правната служба Дејвид Мекарти рече дека соединувањето може да биде завршено до 20 јуни.

За време на речиси двомесечниот судски процес, Еј Ти енд Ти и Тајм Ворнер уверуваа дека спојувањето им е неопходно, за да можат да се борат против технолошки гиганти како Нетфликс и Амазон, кои произведуваат играни филмови, серии и документарни филмови, како и против компании како што се Епл, Гугл и Фејсбук, кои исто така се повеќе инвестираат во производство на содржини.

Еј Ти енд Ти е најголемиот кабелски оператор во САД и втор по големина мобилен оператор. Тајм Ворнер е голема медиумска група во која влегуваат каналот Ејч-Би-О, филмското студио Ворнер и информативната телевизија Си-Ен-Ен.