Се појави фантомски список со Македонците кои се враќаат од Малта со чартерот на Владата

430

Список со 148-те Македонци за чие враќање од Малта во државата се организира специјален чартер лет од Владата осамна на социјалните мрежи. Листата предизвика негодување кај македонските работници во малата медитеранска земја, бидејќи на листата ги има имињата и презимињата, како и телефонските броеви, додека прецртани се единствено броевите на пасошите. Засега, никој не знае кој го издал овој список, а на истиот се лица кои се согласиле да бидат 14 дена во државен карантин

Владата го објави повикот за организирање авионски превоз за пренесување на македонските граѓани од странство за дестинации за чартер-летови Малта – Скопје со кој ќе бидат превезени 148 патници и Загреб – Скопје со кој ќе бидат превезени 226 патници за сите оние кои не сакаат да останат заглавени додека траат вонредните мерки.

Крајниот рок за организарање на летовите треба да биде до петок до 12 часот. Лицата кои ќе се вратат со овие летови се согласуваат да потпишат договор со Владата дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет и дека се согласни да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена во Македонија.

Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин. Во рок од 15 дена од денот на пристигнувањето треба да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.

„Договорот помеѓу патниците и Владата на Република Северна Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна“, објавија од Владата.

Според информации за летот кои се споделуваат во Малта, истиот треба да се организира најдоцна до петок и е директен, односно не се слетува во други држави или градови. Цената на билетите е паушална според најавите на Владата. Доколку патниците подлежат на тест за корона, тој е бесплатен, а исто така и карантинот не се плаќа.

Скопскиот аеродром е затворен за сообраќај до 23 Април и ниеден комерцијален лет во тие дати нема да се реализира  Досега се пријавени 148 патници од Малта. Списокот со нивните имиња за кратко време беше тргнат од социјалните мрежи. Официјалната комуникација оди преку македонската амбасада во Рим.