СЕ ДОГОВОРИВМЕ СО ЖЕНА МИ ДА СЕ ОМАЖИ ЗА СТАР ЧОВЕК ОД АВСТРИЈА ПОРАДИ ПАРИТЕ, АМА МЕ ИЗИГРА КО МЛАД МАЈМУН

340

Се договоривме со жена ми да се омажи за стар човек од Австрија поради парите, ама ме изигра ко млад мајмун

Цел живот кубуриме под кирии, не стасуваат пари. Ни се родија деца, а едвај успевавме да ги платиме сметките и киријата.

Неколку години земавме социјална помош, ама после и таа ни ја укинаа.
Што да ви кажам, тежок живот. Жена ми по цел ден дремеше на пазар и препродаваше зеленчук и овошје, а јас работев и сè уште работам што ќе стигнам.

Некогаш копам канали, стојам и чекам некој да ме викне за тешко физичка работа за дневница…Ако некој ме најми за градежни работи кои траат подолго време, е тогаш сум пресреќен, можам да ги покријам трошоците во маалската продавница.

Понекогаш позајмувам пари од брат ми, тој подобро стои финансиски од мене, ама и кај него не е сјајно. Секогаш гледам на време да му ги вратам парите зошто и тој има деца за прехранување.

Јас имам 16 годишна ќерка и 12 годишен син. Што да ви кажувам, знаете колкави се трошоците за деца на таа возраст, како растат, поголеми се трошоците. А ниеднаш не биле на екскурзија како другите деца.

Еднаш, кога бевме со жена ми да му го вратиме долгот на брат ми, неговата жена, снаа ми, ни рече да сме размислеле за некоја опција која ја имало на Интернет, а преку која жена ми ќе можела да се омажи за некој старец и да наследи големо богатство.

Прво не верувавме и се шегувавме и на самата помисла, ама после седнавме и сериозно разговаравме на таа тема.

Јас не можев да си замислам жена ми да биде со друг маж, па макар и со некој старец, ама таа ме разубеди, дека ќе се жртвува за доброто на нашето семејство и дека сè ќе направи само за да нè избави од оваа беда.

И се случи што се случи, таа отвори профил на апликацијата, а во целата работа ја упатуваше снаа ми. Сега се каам што воопшто се сложив на вакво нешто.

Жена ми секојдневно добиваше понуди и најпосле се појави тој, старо дртало од Австрија, кој наводно бил многу богат, на свои 87 години. Жена ми не е некоја манекенка, ама симпатична е и сигурно не заслужила да биде со некој како овој.

Пак се спротивставив на идејата и реков, дај да заборавиме на ова и да му се вратиме на реалниот живот, ама никој не ме послуша. И брат ми беше запознат со случајот, ама тој само седеше и слушаше што се случува без да се меша.

И така жена ми ја започна интернет-врската со овој дедо и набрзо мораше да поднесеме документи за развод.

Тоа потраја богами доста време, а и не можев веднаш да соберам пари за трошоците. Ама ете, и тој дел од планот го остваривме, се разведовме судски и таа беше слободна.

Купи карта и замина за Австрија, ме напушти после 18 години брак! Веднаш се премажи за тој Австриецот, а со мене прекина секаков контакт. На снаа ми и испратила неколку слики од свадбата, а мене ни да ми се јави, ни да праша за децата, ништо!

Не можам да си поверувам дека си ги остави децата за некојси старец што не го ни познава, само за пари?

Децата секој ден почнаа да ме прашуваат што се случува, мислам дека се сомневаат и дека знаат, ама јас упорно ги лажам. Не знам само до кога ќе можам да ја кријам вистината од нив.

Многу ми е тешко да се грижам за нив, ниту досега има испратено пари за нив, или барем алишта, нешто…било што, како што ветуваше пред да замине.

Јас се борев колку што можев, ама за жал, чувствувам огромна болка овде во градите и имам една голема кнедла во грлото што не можам да ја голтнам. Помина речиси цела година откако неа ја нема.

А денес се случи она од што најмногу стравував, ќерка ми избега од дома, ми рече дека сум бил лош татко и дека поради мене мајка им си заминала.

Ми кажа дека знае дека таа е во Австрија и дека и самата ќе заминела кај неа. Не ми одговори на прашањата од каде знае за мајка и’, само ми ја тресна вратата и си замина.

Не знам што да правам, очаен сум, ова ми е како да преживувам кошмар од кој не можам да се разбудам.