СДСМ по инцидентите во затворот: Не успеа насилничкото сценарио на Мицкоски и Груевски

257

Не успеа насилничкото сценарио на Мицкоски и Груевски, институциите и граѓаните нема да им дозволат да ја втурнат државата во нови кризи и тензии, вели Социјалдемократскиот сојуз ден по инцидентите во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

„Не успеа обидот на Христијан Мицкоски, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ преку насилничко сценарио да создадат криза, да го дефокусираат вниманието на јавноста од фактот дека токму врвот на ВМРО-ДПМНЕ е главниот осомничен за организирање на насилствата на крвавиот 27 април. Благодарение на брзата и професионална реакција на институциите не успеа провокацијата, не успеа смисленото сценарио на Мицкоски и Груевски“, наведува владејачката партија преку соопштение. 

СДСМ додава дека дека не успеал ниту театарот на Христијан Мицкоски кој се обидувал да предизвика инциденти во болницата „8-ми септември“, а не успеале ниту лажните вести што синхронизирано ги пласирале медиумите и интернет порталите блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

„Институциите, граѓаните, нема да дозволат Мицкоски и Груевски да ја втурнат Северна Македонија во нови кризи и тензии, да ја загрозат иднината на нашата татковина и сигурноста на граѓаните, само за одбрана на организаторите и нарачателите на насилствата од 27 април“, додава СДСМ во соопштението.

Вчера во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари дошло до тепачка во која биле вклучени ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Јанакиески беше префрлен во болницата „8 Септември“, а потоа вратен во затворот. Директорот на болницата, Христијан Костов, изјави дека по прегледите, кај Јанакиески не биле евидентирани повреди.

Спиро Ристовски и Миле Јанакиески од пред два дена се наоѓаат во 30-дневен притвор бидејќи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги осомничи дека се дел од шестемина што ги организирале насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.