Русија ѝ се закани на Јапонија

593

Русија ја предупредила Јапонија и ѝ се заканила со „мерки за одмазда“ ако заедничките воени поморски вежби со САД се прошират кон источните граници на Русија, пишува „CNN“.

Оваа закана е само продолжение на судирот меѓу Москва и Токио. Москва е бесна бидејќи Јапонија дала недвосмислена поддршка за Украина и е сè поблиска со земјите членки на НАТО. Русија и Јапонија, имено, имаат нерешени односи од крајот на Втората светска војна поради островите кои тогаш ги заземале советските сили.

Заменикот на руското министерство за надворешни работи, Игор Моргулов во вторникот рекол дека американско-јапонските поморски вежби имаат „потенцијално навредлива природа“, според извештаите на руската државна новинска агенција „РИА Новости“.

„Таквите постапки од јапонската страна ги гледаме како закана за безбедноста на нашата земја“, рекол Моргулов. „Ако таквата пракса се прошири, Русија ќе преземе возвратни мерки во интерес на зајакнувањето на своите одбранбени способности“.

Меѓутоа, не прецизирал за кои американско-јапонски вежби зборува ниту експлицитно навел како руската одмазда би можела да изгледа.

 

Јапонија и САД имале вежби во Источното кинеско море

Американската и јапонската морнарица минатата недела ги завршиле заедничките воени вежби во Источното кинеско море и Филипинското море.

На почетокот на месецов, американската војска водела слични заеднички вежби во Јапонското море, на кое Русија има долг брег. Според американската морнарица, САД и Јапонија рутински одржуваат заеднички поморски вежби во Индо-Пацификот за да ја „одржат стабилноста во слободниот и отворен и индо-пацифички регион“.