Романскиот бизнисмен изградил автопат од еден метар – само за да ги посрамоти властите

709

Романскиот бизнисмен направил автопат со должина од еден метар во североисточна Романија во знак на протест поради лошата патна инфраструктура во земјата.

Сопственикот на ресторани за брза храна, 33-годишниот Стефан Мандачи, на кого му пречи слабата патна мрежа во неговата област, приватно нарачал изградба на минијатурен автопат со личен трошок од 4.400 евра, пренесува “BBC”.

Кампањата траеле со недели со цел да се предизвика реакција, а го достигнала својот врв во петокот, кога била отворена “делница” од автопатот.

Романија има една од најкратките мрежи на автопати во ЕУ од само 806 километри за целата земја, иако според територија е еднаква со Велика Британија, која има околу 4.000 километри, наведува “BBC”.

Британија притоа не е ни меѓу земјите на ЕУ со најголема патна мрежа. Најголема има Шпанија со 16.000 километри, а следи Германија со 14.000 километри.

Мандачи за “BBC” рекол дека има за цел да го обедини населението околу целта да имаат автопати. Автопатот на парцелата во негова сопственост во близина на фреквентен пат симболично бил изграден во Сучава, област без автопати. Тој рекол дека тој регион е единствен во Романија кој нема автопат.

“Немаме ни метар автопат, па одлучив да изградам метар за да докажам дека тоа е можно”, рекол Мандачи.

Сообраќајот на патот во близина бил во застој затоа што неколку стотици приврзаници се појавиле да присуствуваат на таканареченото отворање на автопатот. Биле присутни и неколку медиуми, како и возило на итна помош и пожарно возило додека мал авион прелетал со натпис во кој се бараат автопати.

“Мислам дека сме обединети. Никогаш не сум доживеал ваков момент на солидарност меѓу Романците”, рекол Мандачи.

Насобраните гласно навивале кога ја пресекол лентата за да го отвори тоа што го нарекуваат “автопат споменик”.