Расте бројот на заразени со коронавирус, Пановски советува брисевите да се земаат на отворено

138

Вчерашните 807 новозаразени и неделниот извештај на Институтот за јавно здравје кој покажува зголемување на новозабоените за 56 отсто во однос на претходната недела, укажуваат на нов бран коронавирус во земјава.

Бројката на новозаболени од крајот на јануари и во текот на февруари беше под 500 дневно, се до минатата среда кога скокна на 716, во саботата на 720, а вчера на 726 нови случаи. Процентот на позитивни лица од вкупниот број тестирани повторно се искачи над 20 отсто.

„Трет бран веќе постои, не очекувам да биде посилен од вториот“, вели микробиологот и професор на Медицинскиот факултет, Никола Пановски за „Макфакс“. Тој постојано предупредува дека треба да се зајакнат мерките, но овој пат вели дека нема да укаже на зајакнување.

„Мерките кои ги препорачував не се прифатија пред вториот бран, нема да се прифатат ни сега, па не ги препорачувам“, вели микробиологот Пановски.

Микробиологот има совети за тоа што можат граѓаните сами да направат, за да се заштитат од коронавирусот, а предлага лицата кои се тестираат за Ковид – 19 да бараат брис да им биде земен на отворено оти просториите за тестирање смета дека се гнезда за ширење на вирусот.

„Во затворен простор да не се користатат платнени маски, марами и други импровизации, само Н95 или хируршки. Да се возат автобуси и автомобили со отворени прозорци, да се проветруваат канцелариите, да се прави провев колку што може повеќе. Сите активности да се изведуваат на отворен простор. Брисеви за ПЦР да се земаат на отворено, како што е во ’Жан Митрев’ и ’Аџибадем’, инаку тие се гнезда за ширење на вирусот, заразените влегуваат во затворен мал простор, ја вадат маската, а потоа влегува друг итн. Во лифт, во тоалет на работа, задолжително да се носат маски и особено во тоалети во ресторани да се носи маска“, советува микробиологот Пановски.

На трет бран коронавирус на крајот на ноември предупреди Дејвид Набаро, специјален претставник за Ковид – 19 на Светската здравствена организација. Тој рече дека реакцијата на Европа за заштита од коронавирусот не била доволна.

„Имаше неуспех да се изгради потребната инфраструктура во летните месеци откако првиот бран беше ставен под контрола. И сега има втор бран. Ако не се изгради потребната инфраструктура сега, на почетокот на следната година ќе има и трет бран“, предупреди Набаро.

Според него, само неколкумина носители на политички одлуки разбираат дека вирусот се шири експоненцијално и оти бројките можат да се зголемат осум пати во една недела, 40 пати во две недели, 300 пати во три недели и 1000 пати во четири недели.

Можно е заострување на мерките

Од Министерството за здравство немаат објаснување на што се должи последното зголемување на бројките и покрај тоа што кога беше регистриран британскиот сој на коронавирусот во земјава, не беше исклучена можноста бројките и на новозаболени и на починати да скокнат.

Зголемените бројки, засега, не повлекоа зајакнување на мерките за заштита од Ковид – 19. Нова мерка од денес има само за лицата кои доаѓаат во земјава од африканските земји.

„Комисијата за заразни болести донесе одлука во која ќе се предложи задолжителен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји. Во моментов мерките кои се на сила даваат резултат. Во зависност од епидемиолошката состојба и врз основа на проценка од страна на стручните лица, можно е и понатамошно заострување на мерките со цел заштита од ширење на вирусот во државата“, велат од Министерството за здравство.

Домашниот карантин за лица кои доаѓаат од африканските земји е предложен откако брачен пар се врати од патување во Занзибар и двајцата со симптоми на Ковид-19.

Од Министерството известија дека во земјава се уште не е откриен јужноафриканскиот сој на вирусот, а попладнево известија дека во МАНУ, по анализа на брисевите на двајцата пациенти вратени од Занзибар, утврдиле дека тие се заразиле со британскиот сој на вирусот.