Путин: Eвропа го продава рускиот гас седум пати поскапо

132

Рускиот претседател, Владимир Путин, на денешната годишна прес-конференција ја коментираше ситуацијата на европскиот пазар за гас, особено за скокот на цената на тој извор на енергија, велејќи дека проблемот со цената на гасот го создала самата Европа, која го препродава, како што рече, евтиниот руски гас за многу повисоки цени.

„Европските купувачи го препродаваат гасот што го добиваат од ‘Гаспром’, по цени кои се до седум пати повисоки од оние во долгорочните договори“, изјави Путин, а пренесе агенцијата ТАСС.

На 21 декември цената на гасот во Европа за првпат во историјата го надмина нивото од 2.000 долари за 1.000 кубни метри, додека просечната извозна цена според договорите со „Гаспром“, во 2021 година изнесува 280 долари за илјада кубика, потсетува руската агенција.

Путин посочи дека Русија постојано ги предупредува европските партнери за опасноста од колапс на системот за долгорочни договори, дека Москва и натаму е подготвена да ѝ помогне на Европа за ситуацијата со цените на гасот, но подвлече дека проблемите со гасот ги создава самата Европа.

„Постојано кажувавме, и во оваа пригода ќе повторам – нема потреба да се нарушуваат долгорочните договори. Не, ни рекоа од Европската комисија, треба да преминеме на пазарни односи, пазарот ќе регулира сè. Затоа сега имаат цена од над 2.000 долари за 1.000 кубни метри“, рече тој.

Посочувајќи дека европските купувачи ги напумпале цените со препродажба на евтиниот руски гас што го добиваат од „Гаспром“ преку долгорочните договори, Путин им порача на европските потрошувачи да се обратат до нивните надлежни органи за да добијат соодветно објаснување.

Ова беше едена од темите на која говореше рускиот претседател на годишната прес-конференција, која траеше 3 часа и 56 минути.

Путин на конференцијата одговори на 55 прашања, пренесе РИА Новости.