Прилепска компанија изработува заштитни маски кои ќе бидат бесплатни: “За една недела можеме да изработиме 2 милиони маски”

852

Прилепската компанија “Кули” која се занимава со изработка на конфекциски производи, започна со производство на бесплатни заштитни маски поради моменталната состојба со коронавирусот.

Александар Мариновски, менаџер на “Кули”, вели дека за една недела, доколку на апелот се приклучат сите текстилни фирми во земјава, би можеле да се изработат 2 милиони заштитни маски.

“Кули” при процесот на производство користи материјали кои ги имаат на залиха, а кои требало да бидат користени за изработка на јоргани, перници и постелнини.

*првата изработена маска
“Денеска почнуваме да ги произведуваме заштитните маски со уште две фирми од Прилеп, а мислам дека уште две ќе се приклучат, за да помогнеме кој колку може. И сите конфекции во Македонија се вклучуваат, една компанија дури го донираше и цел материјал што го имаше”, изјавил Мариновски за “Слободен печат”.

За квалитетот и заштитната функција на маските, Александар вели дека е подобар од оние кои веќе ги нема во аптеките, а истите чинеа 3 до 4 денари.

“Имаме налози за работа, но ако треба ќе прекинеме сè доколку за тоа во иднина се јави потреба и цел капацитет ќе го пренасочиме кон изработка на маските, затоа што тоа е за сечие добро”, додава менаџерот.

Ваквите маски за кои се заинтересирале многу приватни и државни болници и аптеки од Скопје, најнапред ќе бидат дистриубирани во Кризниот центар во Прилеп, а оттаму ќе бидат дистрибуирани каде што најмногу се потребни.

Останатите компании кои се приклучуваат кон акцијата се Гифти Текс, Стан МК и Фешн Линк. Конфекцијата “Кули” од Прилеп е финансиски поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој.