Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, а ќе има и локални во 3 општини

255

Поради Велигден, за една недела ќе се помести првичната идеја за одржување на претседателските избори на 14 април. Според процените на собранискиот спикер Талат Џафери, на 21 април би можел да се одржи првиот круг, а на 5 мај вториот круг од претседателските избори.

Најдоцна до 8 февруари ќе се распишат претседателските избори. Во три општини ќе има и локални избори во исто време со претседателските избори, информира денеска Џафери.

„Во однос на претседателските избори, чиј прв круг требаше да се одржи на 14 април, а вториот круг на 28 април, имајќи предвид дека на 28 април е Велигден, размислуваме да се посмести за една недела, на 21 април, а вториот круг на 5 мај. Со тоа ќе се обезбеди можноста најдоцна на 8 февруари да се распишат претседателските избори за да се обезбеди законскиот рок. Изборите се распишуваат не подолго од 90 дена од денот на одржувањето, но не пократко од 70 дена од рокот на одржувањето на изборите“, рече Џафери.

На 12 мај истекува мандатот на претседателот Ѓорге Иванов и на тој ден, за да се обезбеди континуитет, Џафери смета дека треба да се обезбеди инаугурација на новиот претседател и да се обезбедат сите околности и рокови за да се заврши процедурата.

Имајќи предвид дека во три општини има вршители на должноста, во една поради оставка на градоначалникот на Ново Село, а во Дебар и Охрид поради починување на градоначалниците, Џафери вели дека е потребно да се распишат локални избори за нови градоначалници.

„Се следат роковите и истиот ден кога ќе биде изборот на претседател, ќе се гласа и за избор на градоначалници во овие општини“, додаде тој.