Претепаниот скопјанец: Ме намести пријател, тие ме чекаа во заседа

343

Брутално претепаниот скопјанец за „Макфакс“ вели дека бил нападнат од познат лихвар во Скопје бидејќи зел на заем 200 евра, кои потоа ги вратил, но одбил да плати и камата.

Тој вели дека пред нападот немал никакви закани. Вчера, кога го нападнале, првин го удриле со пиштол, потоа го проболе со шрафцигер, а на крајот со клоци. По инцидентот, тој добива закани, а напаѓачите се јавуваат кај негови блиски пријaтели и роднини.

„Јас од лицето имам земено на заем 200 евра, кои ги вратив. Кога ги зедов парите, тој не ми кажа дека треба да вратам камата за нив, тој ми е познајник. Подоцна ми бараше камата за сумата што ја зедов, но не им дадов и одбив. Пред некој ден имавме кратка расправија. Не ми се закануваа, ниту ме предупредија“, изјави момчето за „Макфакс“.

Вели бил наместен од пријател, кој го повикал, наводно, да разговараат, но на договорената локација го пречекале напаѓачите.

„Поминував низ Аеродром со девојката. Мој пријател ми се јави да разговараме. Практично, ме најдоа со негова помош. Јас имав проблем со паркирањето. Се враќав со автомобилот наназад, а во тој момент тие помислиле дека ќе избегам. Излегоа од назад од бело комбе паркирано во близина. Кога излегов, видов 4-5 лица и почувствував остар удар со пиштол во главата. Ме удри трипати по што паднав, а тие почнаа да ме клоцаат. Некое од лицата ме бодело со шрафцигер во ногата“, додава претепаното момче за „Макфакс“.

По ударите, момчето вели дека изгубило свест и не се сеќава што се случувало потоа. Има скршени забите, нос, но и расеченици на главата.

„Ја удриле и мојата девојка бидејќи викала помош. За среќа, излегле луѓе и реагирале. Имам закани, се јавуваат. Наводно, сакаат да се смириме“, сведочи момчето.

По инцидентот во Аеродром, тој не се чувствува сигурно.

„Ова ми се случува првпат во животот. Како да се чувствувам сигурно кога некој може да дојде и да те нападне со шрафцигери и пиштоли? Од повредите не се сеќавам ниту што се случувало кога ме однеле во болница. Сè уште не сум дал изјава во полиција, рекоа дека денес ќе ме побараат, но досега никој не го стори тоа“, тврди претепаниот скопјанец.

Претепаното момче вели дека лицето од кое позајмил пари бил познат лихвар кој давал пари под камата и дека ова не е првпат да напаѓа.

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Крвавата тепачка се случи вчера околу 22 часот во скопската населба Аеродром кај „Тобако 2“. На видеото се гледа дека четири лицаа бегаат од местото со автомобили. Очевидци велат дека слушнале викање и женски глас како бара помош.

loading...