Багерите во мрак пристигнаа кај Мајчин дом

248

Багери ноќеска започнале со копање на парцелата кај Мајчин дом, каде е во план да се гради голем станбено-деловен простор и покрај реакциите на жителите на скопската населба Аеродром. Тие за денеска во 17 часот најавија протест пред Мајчин дом.

Жители на скопската општина Аеродром на Фејсбук групата „Сакаме Аеродром да дише” објавија фотографии и видеа на кои може да се забележи како багерите среде ноќ доаѓаат на спорната локација.

Изминатите денови градежни работници со лимени тараби ја оградуваа парцелата за изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“. За овој објект жителите на Аеродром алармираа дека ќе направи еколошка катастрофа бидејќи се гради на зелена површина, а за да се изгради, пак, паркинг за зградата, урбанистичкиот план предвидува сеча на дрворед и ново уништување на зеленилото.

Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење и да ги послуша граѓаните. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата.

loading...