Премиера: Ова е McLaren 600LT

1106

„Малиот“ McLaren 570S Coupe доби помоќна и олеснета варијанта – 600 LT, автомобил кој ќе им биде достапен на купувачите само во текот на 12-те месеци после почетокот на неговото производство.

McLaren 600LT се разликува од 570S по деталите на надворешноста, а автомобилот исто така е продолжен за 7,3 сантиметри. Освен тоа, овој модел доби нов издувен систем чии што излезни цевки се скратени и сместени на повисока позиција отколку на „основниот модел“, зад самиот мотор.

McLaren 600LT има нови аеродинамички додатоци, а најмногу се истакнува фиксираниот заден спојлер кој придонесува за поголема стабилност при високи брзини. Како што велат од McLaren, новиот модел има 23% новоразвиени делови во однос на 570S.

McLaren 600LT е полесен од 570S за околу 95 килограми, па масата на празно возило изнесува 1,247 килограми. Ова е постигнато благодарение на вградувањето на одредени елементи изработени од полесни материјали, како што е на пример покривот од карбонски влакна.

Исто така, внатрешноста е опремена со лесни тркачки седишта, чија што конструкција исто така е изработена од карбонски влакна. Во понудата исто така се и уште полесни седишта кои што McLaren ги вградува во својот хиперспортски автомобил Senna.

Како погон е искористен веќе постоечкиот 3.8-литарски би-турбо V8 мотор од 570S кој што смесен во 600LT произведува 30 коњски сили повеќе, па автомобилот располага со заокружени 600 коњски сили. Максималниот обртен момент е зголемен за 20 Nm и изнесува вкупно 620 Nm.

Податоците за перформансите засега не се објавени, а 600LT секако се очекува да има нешто подобро забрзување од 570S кој што од 0 до 100 километри на час забрзува за 3,2 секунди, од 0 до 200 километри на час за 9,5 секунди, а неговата максимална брзина изнесува 328 километри на час.

Производството на новиот McLaren 600LT започнува октомври, а дотогаш ќе бидат познати сите детали, како и цената на овој автомобил.